Ди-џеј пулт за Гоце

May 13th, 2010
by Марјан Забрчанец

Ме инспирираше Филип со неговиот пост за ставот на Гоце Делчев за јавањето коњи, како и мислењето на внуката на Гоце.

Некако ми е неубаво.
Шубе ми е.
Зошто два споменици на Гоце?
Сакам уште еден, трет.
Три, за среќа.
Третиот повторно да биде слободен израз на уметноста.
Нека биде ди-џеј. Со пулт.

Графичкото решение е дел од акцијата за плурализам во студентското организирање, реализирана од Младински образовен форум, во 2006 година.
Концепт: Александар Стојановски, Марјан Забрчанец, Филип Мишевски
Дизајн: Филип Мишевски

Posted in Комуникации | Comments (0)

Што да [не] направиме за подобра презентација?

April 17th, 2010
by Марјан Забрчанец

Презентациските вештини знаат да бидат пресудни во важни моменти од нашите животи, бизниси или кариери. Заради лоша презентација може да “паднеме” на интервју, да не откачи клиент, да изгубиме донатор или да ја изгубиме стекнатата доверба од публиката. Некои заради лоши презентации губат избори.

Постојат милиони совети за подобрување на презентациските вештини.
Ги категоризирав во 4 “П” категории, во обид да издвојам што е добар, а што лош совет.

П - 1. ПОДГОТОВКА
Да се подготвите значи да истражувате, да имате структура на вашата презентација, да знаете како ќе започнете, како ќе кулминирате и како ќе завршите. Подготовката значи да знаете која и каква е вашата публика, да ги предвидите прашања и да креирате концепт кој ќе предизвика прашања.
Најлошата подготовка е да го научите говорот на памет. Уште полошо е да го имате целосно на хартија покрај себе. Тоа само ќе ве натера да читате додека презентирате и наместо за публиката, вие да се грижите за вашите 3 листа хартија. Не се залажувајте со проби пред огледало. Праксата се стекнува со секоја ваша вистинска презентација. Огледалото нема да ви каже дали сте добри, нема да ви пополни евалуација. Во огледало сте вие, а не публиката. А публиката одлучува дали сте биле добри или не. Не огледалото.
http://socialanxietydisorder.about.com/od/copingwithsad/qt/speechprepare.htm

П – 2. ПУБЛИКА
Која е вашата публика? Што знаете за неа? Од каде доаѓа, какви се навиките на оние кои ве слушаат и гледаат? Што знае публиката за темата на вашата презентација, со какви искуства доаѓа? Што ја забавува?
Ова се клучните прашања на кои мора да имате одговор пред да се одлучите да се соочите со публиката. Но, ова не значи дека за да ја придобиете публиката треба да започнете со раскажување на некој добар виц. Особено не ако сте добри во раскажување вицови. Не сакате вашата презентација да се претвори во хумористично шоу.
http://www.speechmastery.com/public-speaking-audience.html

П – 3. ПРЕЗЕНТАЦИЈА
Тука може да се раскажува со денови. За тонот на гласот, за гестикулациите, за вашата облека, за смислата за хумор, за тремата и повторно за публиката.
Најважно е да имате чиста дикција при изговорот. Ова може да го вежбате, се разбира не пред огледало. Не е точно дека не треба да се движите за време на презентацијата. Но, правете го тоа само кога ви е потребно. Кога покажувате на проекционото платно, кога посочувате кон публиката, кога рацете ви се потребни за набројување или објаснување на извесен процес/големина. Внимавајте да не се случи да го менувате местото на стоење/седење многу често и да не ја полудите публика со чкрапањето на вашето пенкало.
Погрешно е да носите вратоврска со Мики Маус само за да и се допаднете на вашата публика и да помислат дека сте духовити. Во првите 5 минути, кога треба да го оставите првичниот впечаток, публиката наместо да ве слуша, ќе ја анализира вашата вратоврска.
Не ја замслувајте вашата публика гола за да ја надминете тремата. Доколку се препотувате на почетокот на презентацијата, најдете симпатично лице од публика и обраќајте му се само него. Не подолго од 3-5 минути. Ако тремата и понатаму трае, најдете го второто ваше најсимпатично лице. После следните 5 минути со сигурност ќе можете без трема да се отворите кон целата публика.
http://www.metacafe.com/watch/1141889/effective_presentation_skills/

П – 4. Пауер Поинт [Power Point]
Тука нема текстуално објаснување. Погледнете го видеово:

Life After Death PowerPoint from EMT Media on Vimeo.

Tags:
Posted in Комуникации | Comments (0)

Ако интернетот не ми беше достапен…

March 9th, 2010
by Марјан Забрчанец

Интернетот постои веќе 20 години. По тој повод, BBC презема иницијатива за откривање на моќта на интернетот, преку презентација на низа аспекти нa неговите вредности.

По иницијатива на Развигор и по јавниот повик на Дарко, одлучив да издвојам што ќе ми недостасуваше ако интернетот не ми беше достапен:

01. Немаше да имам можност да поседувам сопствено поштенско сандаче на свои 15 години, во далечната 1995. Тогаш ја креирав својата прва емаил адреса и со тоа добив неколку мегабајти личен простор на интернет. Тогаш станав достапен во електронскиот свет;

02. Немаше да знам на кои теми дебатираат и кои аргументи ги користат сите дебатери од целиот свет. Истражувањето ќе беше ужасно тешко. Денес, постои и база на дебатни случаи, т.н. Debatepedia;

03. Немаше да можам ефикасно да ја менаџирам мојата организација и во ист ден да комуницирам со членовите во Македонија, партнерите од Словенија и поддржувачите од САД;

04. Немаше да реализирам ефтини, а моќни интернет кампањи. Денес, на клиентите во агенцијата во која работам имам можност да им понудам голем ефект, за мал буџет.

05. Немаше да поседувам голем мегафон со кој јавно и нашироко можам да ја изразувам својата слобода на мисла и слобода на говор. Овој блог, мојот фејсбук профил и мојот твитер профил се моите интернет мегафони;

За крај, ќе ги замолам моите пријатели Дона, Ана, Иван, Бранка и Елена да го направат истото и на својот блог [или својот фејсбук профил] да напишат што ќе беше поразлично ако интернетот не им беше достапен.

Tags:
Posted in Актив, Комуникации, Општество | Comments (8)

Пепси. Храбро, паметно и општествено одговорно.

February 4th, 2010
by Марјан Забрчанец

Почетокот на 2010 носи уште едно силно признание за социјалните медиуми. Еден од мега-брендовите, Пепси, штотуку лансираше кампања преку новите медиуми, со која ќе ја активира пошироката јавност во општествени акции за помош на конкретни загрозени групи граѓани, области или други каузи.

Пепси ќе вложи 20 милиони долари во корпоративна општествена одговорност и со тоа ќе ги замени Super Bowl кампањите кои ги користеше изминативе 23 години: помпезни скапи спотови, ангажман на мега ѕвезди од шоу бизнисот.
Сега интернет корисниците имаат можност да бидат ѕвезди и да одлучат за какви социјално корисни активности Пепси ќе ги потроши 20 милиони долари.

Пепси е пред се младински и урбан бренд. Може да се каже дека е јунак во лансирањето масовни кампањи преку социјалните мрежи, но и дека точно ја лоцирал својата публика, која на интернет е веќе глобална, масовна и моќна за одлично да споделува добар збор.

Pepsi is giving away millions each month to fund refreshing ideas that change the world. The ideas with the most votes will receive grants. We’re looking for people, businesses, and non-profits…

И Time денес ја сподели оваа вест:

People can go to a Pepsi website, refresheverything.com — which can also be accessed through Facebook and Twitter — to both submit ideas and vote on others they find appealing. Among those on the site now: “Help free healthcare clinic expand services to uninsured in rural TN” and “Build a fitness center for all students in Hays, Kansas community.” Every month, the company will offer up to 32 grants to worthy projects.

Веќе е сигурно дека потрагата по поефективни кампањи за помали буџети ќе ја допре свеста и кај компаниите и брендовите во Македонија. Дормео веќе лансираше ваква кампања за донирање душеци, а на сличен начин и здружението за борба против рак - Борка споделува бисери на мудроста за превенција од рак на грло на матка.

Се надевам Пепси примерот е доволна мотивација.

Tags: ,
Posted in Комуникации | Comments (1)

10 точки ЗА отвореното општество

January 23rd, 2010
by Марјан Забрчанец

Постов е инспириран од телевизиското гостување на Владимир Милчин во емисијата Јади бурек, кај Јанко Илковски. Разговорот во голема мера имаше длабока суштина од две причини. Првата е што Јанко дозволи конструктивна дискусија во духот на отвореното општество, а втората е што во емисијата на големо се разговараше за принципите на отвореното општество и за неговиот идеен творец – Карл Попер.

Иако отвореното општество е неисцрпна и никогаш незавршена тема за елаборација и надополнување, денес ќе издвојам десет негови важни постулати:

01. Во отворено општество не е потребно крвопролевање за моменталната политичка елита да си замине од власт;
02. Тоа е општество кое се темели на одлуки на поединците, а не на колективни (племенски одлуки), а уште помалку на одлуки кои тоталитарната власт ги носи за мнозинството да ги спроведува;
03. Општество кое е отворено за алтернативата. Не постои апсолутна вистина, а токму поради тоа ова општество инсистира да ја слушне и другата страна на вистината;
04. Тоа е плурализам во политичка, културна и религиозна смисла. Платформа за сите различности кои егзистираат на исто место;
05. Да се слушне другиот не е доволно. Потребно е да се почитува туѓото (мислење), да се размислува за него и да се оценува и проценува;
06. Во отвореното општество самокритичноста е нужна. Да знаеме да оцениме кога туѓата идеја е подобра и истата да ја поддржиме и развиеме;
07. Отвореното општество дава можност луѓето да не се согласуваат околу општествените предизвици, а притоа опонентите да не се перцепираат како злобни, непријатели или лична закана;
08. Отвореното општество значи и дебата. Дебата која најмногу се базира на логика и аргументи, а најмалку на авторитети;
09. Слободата, еднаквоста и човештвото се отворено општество;
10. Отвореното општество е за упорните кои веруваат во него. Не е за оние кои веруваат само во својот лидер.

Дали овој вид на општество е недостижно за нас? Дали пишувам за утопија?

За сите кои сакаат да чујат повеќе за отвореното општество од Џорџ Сорос, приложувам 75 минутна едукативна сесија:

Tags:
Posted in Општество | Comments (4)

Сегрегацијата ја научивме, до каде е интеграцијата ?

January 11th, 2010
by Бојан Маричиќ

“Големата слика” од денес ќе биде побогат за уште еден автор. Бојан Маричиќ одлучи да ја преточи својата мотивираност за социјална интеграција во пишани мислења и анализи на овој блог. Бојан е мој долгогодишен соработник и другар. Бојан е искусен граѓански активист, тренер по дебатни техники и магистер по меѓународно и европско право.

Еве го неговиот прв пост:

Сегрегацијата ја научивме, до каде е интеграцијата?

Некои велат дека најсилните пориви за јавно изразување луѓето ги имаат токму кога слободата на изразување им била најзагрозена. Не знам дали е тоа вистина но јас мислам дека луѓето кои размислуваат во нашето општество и притоа не се партиски индоктринирани треба да ги наметнуваат прашањата како: Кои се нашите вистински секојдневни проблеми кои ни го прават општеството какво што е и го одредуваат какво ќе биде? Како да ги формулираме? Како да ги наметнеме?

Овој текст (и наредните што следуваат) има амбиција да ја отвори темата на отворената етничка сегрегација, помеѓу Македонците и Албанците како најбројни народи во Република Македонија, која доминира и зазема се поширок простор во нашето општество и „инфицира“ секој час се’ повеќе луѓе по различни основи. Она што мене ме поттикна на размислување на оваа КЛУЧНА тема во нашето општество беше изливот на омраза од сите страни разгорен од сега веќе повлечената и озлогласена Македонска Енциклопедија, врвен masterpiece на МАНУ. Што може и треба да направат граѓаните на оваа држава кои се релативно млади (помеѓу 20-40 години) и кои разбираат дека игноририајќи го фактот дека живееме во држава која егзистираат повеќе етникуми со свои карактеристики, одлики, желби и интереси, практично се придонесува кон предексплозивната атмосфера особено меѓу помладите. Ако ја илустрираме ситуацијата на неколку полиња од нашето општество ќе сфатиме дека општеството има јасни знаци на поделеност и опасни нејзини манифестации и уште повеќе ќе сфатиме дека итно треба нешто да преземеме како општество и како луѓе.

Анализата на темата ќе се одвива во неколку текстови и ќе ги дискутира темите Образование, политика, култура, граѓански сектор, медиуми и лични односи, а фокусот ќе се насочи кон формите во кои се манифестираат прашањата на етничка сегрегација и нивната содржина во рамките на овие теми, притоа со јасно нагласување: Што не чини? Што е добро? Што може да се направи за интеграција?.

I дел
(Што не чини? Што е добро? Што може да се направи за интеграција?)

ОБРАЗОВАНИЕ

Што не чини?
- Постојат многу малку институционални допирни точки помеѓу учениците Македонци и Албанци. Покрај „генијалните“ решенија за етнички поделени смени во повеќе градови, за ова сведочи фактот дека младите не работат на никакви заеднички проекти кои ќе ги избришат или намалат меѓусебните разлики и предрасуди.

- Јазичните бариери помеѓу младите Македонци и Албанци се продлабочуваат наместо да се намалуваат. Го чекавме Кнут Волебек (Високиот комесар за малцински рава на ОБСЕ) да ни каже дека во нашите училишта на кои се надеваме да ги „оправат“ нашите идни генерации нема никаков план за интеграција на младите во јазична смисла. Всушност тој само гласно кажа нешто што секој свесен човек во оваа држава одамна го знае: јазичната сегрегација е драматична и дека генерациите кои доаѓаат покрај суштински постои опасност и технички да не се разбираат.

- Универзитетите во Македонија не работат на реално приближување на студентите Македонци и Албанци и нивно заедничко живеење во академска смисла. Колку често сте чуле дека се работи на заеднички програми, семинари, размени или дискусии организирани од страна на Универзитетите за спојување, комуникација и развивање помеѓу студентите. Единствена срамежлива иницијатива беше онаа на група студенти кои бараа укинување на партиципацијата на студентите при што беа поддржани од еден дел од студентите на Државниот Универзитет во Тетово. Но, и тоа не е ништо иницирано од институциите на системот.

- Не постојат програми за системско изучување на културните, националните, историските и традиционалните карактеристики на етничките заедници помеѓу себе. Не постои пат кој води реку образовниот систем кој овозможува на еден просечен ученик Македонец да научи на пример: кои се клучните личности во албанската историја, кои се најдобрите писатели на албански јазик и како можат да дојдат до нивните дела, кои се и какво значење имаат празниците кои ги слават Албанците, кои се песните кои се карактеристични или омилени за Албанците или сево ова за Ромите, Турците, Србите, Бошњаците, Власите и др.

Што е добро?
- Универзитетот на Југоисточна Европа (т.н. Штулов Универзитет) е пример според кој може во пракса многу добро да функционираат студентите Македонци и Албанци учејќи заедно и секојдневно градејќи интегриран систем во кој секој е добредојден без разлика на етничката припадност и во кој образовниот процес кој ги вклучува сите е во фокусот.

- Приватните средни училишта и универзитети прилагодени на пазарот го кршат мразот на сегрегацијата и ги прилагодуваат своите програми за повеќе јазици а нивните средини се потполно инклузивни за младите од сите етнички групи. За да не навлегуваме во реклама на овие Универзитети само вреди да се каже дека се пример кој треба да се следи.

Што може да се направи?
- Силен ангажман на сите образовни институции за ставање акцент на овој аспект од нашиот образовен систем. Ова подразбира силно залагање на сите структури од министер до воспитувач во градинка или професор во училиште. Образовните институции мораат да усвојат нова филозофија во која учениците ги подготвуваат за реален и цивилизиран живот ослободен од страв од своите соседи, омраза кон различните или мрзеливост за учење на нови култури и запознавање на нови луѓе.

- Учење на јазици на етничките заедници како задолжителен предмет. Ако во ЕУ знаењето на секој нов јазик се смета за непроценливо богатство и на големо се стимулира во сите образовни сфери, тогаш зошто кај нас да се плашиме или да одбиваме да им укажеме на родителите, учениците и сите дека изучувањето на јазиците на етничките заедници во Македонија (особено албанскиот) е влог во иднината и во поцивилизирана, поинтегрирана, поубава и попријатна за живеење Македонија.

- Учење за повеќе елементи на идентитетот на различните етнички заедници (особено Македонците и Албанците) и заедничка прослава на заеднички личности и денови.

- Отворен дијалог за сите теми и градење на институтционални канали во рамките на образовните институции за отварање и решавање на меѓуетничките проблеми, предрасуди и недоразбирања. Зарем има друг здрав и сериозен начин за решавање на проблемите кои се јавуваат меѓу младите? За мене беше тажна сликата во која половина владин состав оди да ги смирува врсниците од Струга и да им понуди „генијално“ решение на нивна физичка поделба во две згради и така ја затвори најважната порта за непречен секојдневен премин и меѓусебна комуникација. Да работиме сите тоа да не се повтори.

Tags:
Posted in Актив, Млади, Општество | Comments (3)