Интернетот постои веќе 20 години. По тој повод, BBC презема иницијатива за откривање на моќта на интернетот, преку презентација на низа аспекти нa неговите вредности.

По иницијатива на Развигор и по јавниот повик на Дарко, одлучив да издвојам што ќе ми недостасуваше ако интернетот не ми беше достапен:
01. Немаше да имам можност да поседувам сопствено поштенско сандаче на свои 15 години, во далечната 1995. Тогаш ја креирав својата прва емаил адреса и со тоа добив неколку мегабајти личен простор на интернет. Тогаш станав достапен во електронскиот свет;
02. Немаше да знам на кои теми дебатираат и кои аргументи ги користат сите дебатери од целиот свет. Истражувањето ќе беше ужасно тешко. Денес, постои и база на дебатни случаи, т.н. Debatepedia;
03. Немаше да можам ефикасно да ја менаџирам мојата организација и во ист ден да комуницирам со членовите во Македонија, партнерите од Словенија и поддржувачите од САД;
04. Немаше да реализирам ефтини, а моќни интернет кампањи. Денес, на клиентите во агенцијата во која работам имам можност да им понудам голем ефект, за мал буџет.
05. Немаше да поседувам голем мегафон со кој јавно и нашироко можам да ја изразувам својата слобода на мисла и слобода на говор. Овој блог, мојот фејсбук профил и мојот твитер профил се моите интернет мегафони;
За крај, ќе ги замолам моите пријатели Дона, Ана, Иван, Бранка и Елена да го направат истото и на својот блог [или својот фејсбук профил] да напишат што ќе беше поразлично ако интернетот не им беше достапен.
