Повод:
Изјава од еден млад човек: “Не ме викајте за глупости… не можам јас да ти доаѓам на јавни дебати, на состаноци, на тие ваши ивенти… плус знаеш дека не се плеткам кај што има камери и медиуми… Викнете ме кога сите ќе излезат на улица, прв ќе ви се придружам… Еве, кога ќе стигне ситуацијата барем до 20% од она што сега се случува во Грција - викнете ме прв ќе дојдам”
Пасивизам, послушност, инертност, полтронство, апатија… Со овие поими се само-дефинира македонската младина, а богами и постарите така ја дефинираат… Па и оние од странство.
Да, оваа констатација сме ја слушнале милион пати и досадна е, знам. Досадна е исто како и на оваа младина што и е досадно, пасивно, апатично.
А кога ти е досадно, имаш две опции.
Опција 1: Да си продолжиш по старо и да чекаш ептен да ти се здосади, па на крај да избереш една од следниве подопции:
Опција 1а: Да си умреш од досада;
Опција 1б: Да кукаш и плачеш дека многу ти е досадно;
Опција 1в: Да полудиш од досада и да направиш глупост за да се извлечеш од досадата.
Опција 2: Да избереш алатка за акција и да смислиш на која тема ќе се активираш. Веднаш ќе престане да ти биде досадно, бидејќи прво ќе мислиш каква акција сакаш, а кога ќе одлучиш ќе тргнеш во поход. Толку едноставно, а не се применува.
Македонската младина не применува алатки за разбивање на досадата, апатијата, послушноста. А има многу на располагање. Теми за активизам колку сакаш. Да не ги бројам, секој си знае што му смета. А и алатки колку сакаш. Секој има уставно право да се активира и бори за своите теми.
Ќе ги набројам и објаснам основните алатки . Текстов што следи ќе биде дел од “Прирачник за младински активизм”, кој за околу 2 месеци треба да биде публикуван под печатот на проектот Локална младинска иницијатива, реализиран од МОФ.
Текстот ќе носи наслов “Алатки за заштита на младински приоритети и права во Република Македонија”
Акцентирање на младинските права, приоритети и интереси, во поновото време на Република Македонија, се забележува после Втората светска војна со формирањето на младинските задруги, младинските совети, студентските сојузи, работничките универзитети и младинските сектори во рамките на владејачката партија. Сепак, овие младински здружувања секогаш биле во тесна функција на државните и партиските интереси, а многу малку во функција на самите млади, на отвореноста за прогресивни младински идеи и на рамномерно вклучување на младите во сите свери на општествениот живот.
Младите најчесто беа активни и вклучувани во спортски натпреварувања, работни и еколошки акции, училишни и студентски манифестации и паради. Недостасувал простор за креативно младинско изразување, отворена дебата и вклученост на младите во процесите на одлучување.
Со независноста во 1991 година и со промената на општествениот систем на Република Македонија во демократски и плуралистички, почнаа да се обезбедуваат уставни и законски можности за дефинирање и гарантирање на младинските права и приоритети.
Основните младински права беа дефинирани со Уставот на Република Македонија, за прв пат изгласан од страна на првото повеќепартиско Собрание на Република Македонија, на 17 ноември 1991 година. Уставот, следејќи ги постулатите на демократијата, ги гарантира основните човекови права и слободи, кои важат и за младите како еднакви граѓани во општеството. Уставот го гарантира правото на живот, слободата, психичкото и моралното достоинство, правото на движење, правото на сопственост, правото на наследство, правото на образование, правото на работа, правото на заштита при работа, правото на социјално осигурување и здравствена заштита и други.
Слобода на говор
Младите можат да го изразат своето право на говор на било која тема. Тие можат да ги изразат своите мисли, чувства или ставови на секое соодветно место преку различни средства и канали на комуникација, и тоа: говор, текст, цртежи, симболи, фотографии, музика, филм и други форми. Злоупотребата на слободата на говор за ширење на верска, национална, расна или друга омраза, претставува кривично дело во Република Македонија.
Член 16 од Уставот на Република Македонија
- Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување
- Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање институции за јавно информирање
- Се гарантира слободниот пристап до информациите, слободата на примање и пренесување информации
- Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање
- Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање
- Се гарантира правото за заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање
- Цензурата е забранета
Нашиот Устав ги заштитува и медиумите исовремено овозможувајќи слободно формирање институции и медиуми за јавно информирање. Терминот медиум ги опфаќа сите форми на јавно информирање, како што се: весници, списанија, книги, радио, телевизија, интернет, филм.
Слободен пристап до информации од јавен карактер
Правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер е едно од основните човекови права во модерните демократии, а кај нас е гарантирано со Уставот и со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Информација од јавен карактер е секоја информација што ја создал или ја поседува државен орган, органите на општините, јавните институции и установи, јавните претпријатија, или друго физичко или правно лице што врши јавни овластувања. Секој има право да побара и да добие информација од јавен карактер, без разлика на пол, раса, вера, политичко или друго убедување. Право на пристап имаат и правните лица.
Јавно собирање (демонстрација и протест)
Своето незадоволство младите можат да го изразат преку јавно протестирање, индивидуално или групно писмено обраќање до органите на власта, со обраќање преку медиумите, преку организирани јавни дебати, со непочитување на донесените одлуки и на други начини.
Под јавен собир се подразбира собирање на повеќе од 20 луѓе на отворен или затворен простор, заради остварување на забавни, културни, хуманитарни, верски, спортски или слични интереси на младите, на коешто се изразува јавно мислење или протест.
- Собирот треба да се одвива мирно и да не се наруши јавниот ред и безбедноста на граѓаните
- Не треба да се ограничува слободата на движење на граѓаните што не учествуваат во јавниот собир
- Не треба да се блокира пристапот на возилата на брза помош до болниците и не смее да нарушува мирот на болните
- Собирот не смее да се одвива во близина на училишта и градинки во време кога учениците престојуваат во нив
Право на избор и слобода на здружување
Плурализмот значи разновидност, повеќебројност, конкурентност и слободно изразување на идеи и мисли. Во контекст на плурализмот, младите имаат право на слободно здружување по сопствен избор, во неформални или формални групи, организации, здруженија, асоцијации.
Со помош на овие облици, младите меѓусебно се поврзуваат во остварувањето на сопствените интереси. На таков начин нивното влијание станува посилно, а нивниот глас добива поширок простор.
Здруженија на граѓани
Здрженијата на граѓани се невладини, непрофитни организации во кои младите се здружуваат заради остварување и заштита на економски, социјални, културни, научни, стручни, технички, хуманитарни, образовни, спортски и други права, интереси и уверувања. Здруженијата не смеат да остваруваат политички интереси со своите активности.
Политички партии
Паритиите се основен облик на политичко организирање и здружување во Република Македонија. Тие се дефинирани како организирани групи на граѓани што се залагаат за учество во власта.
Политичка партија може да основаат најмалку 50 пололетни граѓани на Република Македонија, со постојано живеалиште во Република Македонија. Младите, во рамките на партиите, се претставени преку посебни организациони единици или органи.
Партиите се основна алатка за функционирање на демократијата и за гаранција на правото на слободен избор.
Петиции
Петицијата е демократска форма на искажување на јавно и групно мислење, преку писмено одобрување на определена идеја, цел или активност која е во интерес на младите и граѓаните. Петициите може да се реализираат на национално, локално или на ниво на институција или целна група. Петициите може да се однесуваат на правата на студентите, правата на средншколците, правата на група млади во одредена општина и слично. Преку петициите младите ја изразуваат својата моќ на здружување, масовност и јавно искажување на сопствените ставови.
Петицијата може да има промотивна цел да покаже определен став на младите, или пак доколку се спроведува низ институциите на системот, да ја обврзе државата на референдум или на собраниска расправа за нов закон или измена на закон.