Теза: Еднонасочната комуникација го труе општеството
Позиција: Афирмативна
Еднонасочна комуникација. Исто како да си бебе. Ти зборуваат, а тебе ништо не ти е јасно. Не можеш ни да им вратиш. Или, исто како да си овца. Ти се дере овчарот, страшен, со стап и без заби. Или, пак, исто како да си на митинг. Се дерат звучниците, одекнува насекаде гласот на лидерот. А, ти си таму долу и немаш шанса да кажеш било што.
Немаше да има потреба од дискусија за “еднонасочната комуникација” ако таа не експлодираше во државава, ако се практикуваше само кај бебињата, овците и граѓаните што одат на митинзи.
Но, кај нас еднонасочно се комуницирани толпи граѓани - студентите, гласачите, потрошувачите. На толпи луѓе некој нешто им кажува, а не ги прашува што мислат. А овие другиве, така собрани во толпи не ни бараат да возвратат со комуникација.
И на крај добиваме куп предрасуди, затворено општество, не се познаваме, го линчуваме туѓото мислење. Уште и закани дека ќе не стигнела раката на комуникаторот ако сме прозбореле различно.
Зошто еднонасочната комуникација го труе општеството?
Аргумент 1. Бидејќи пропагандата, манипулацијата и лагата се основни алатки во политиката и креирањето на јавното мислење во Македонија.
Основните идеолошки, концепциски и програмски определби (и на власта и на опозицијата) не се подложни на јавна дискусија. И Преродбата и Решенијата за Македонија се спакувани во канцеларија и се промовираат преку класични адвертајзинг кампањи. Она што го пишува внатре никогаш не беше ставено на маса на трибини, ТВ дебати, ниту пак на социјалните мрежи. Напротив, го добивме како нашминкан документ и преку традиционалните и преку новите медиуми.
Да праќаш пораки, а да не очекуваш да ти одговорат, да се плашиш од туѓото мислење, да избегнуваш интеракција и да покажуваш со прст, а да не дозволиш да те покажат со прст значи дека лажеш. Тоа значи дека спроведуваш пропаганда, а пропагандата по дефиниција е пласирање пристрасни информации, намерно искривени податоци, логички грешки, кои, иако понекогаш се убедливи, ретко се вистинити. Не се вистинити бидејќи во нив ја нема другата страна на вистината. Никогаш не сме ја слушнале. За другата страна на вистината микрофонот е исклучен. Уствари таму нема микрофон.
Еднонасочната комуникација е безобразна. “Ти си Македонија” и “Некои прашања не заслужуваат одговор” безобразно не покорија. Првата не потцени, демек ние не знаевме дека сме Македонија, па требаше со прст да не покажат оти сме заборавиле? Демагогии, празни пораки. Има ли барем еден кој не знае дека е дел од Македонија? Втората [иако сметам дека територијалната распределба беше нужна во тој момент] го направи нашето мислење неважно и уште повеќе прашањето го сведе на ништожно, демек не заслужувало одговор. И повторно, се тоа со милион билборди, спотови во кои комуникаторот се издерава врз толпата народ.
Безобразни пропаганди, манипулации и лаги ни го трујат општеството.

Аргумент 2. Бидејќи бизнис секторот не знае кои се потребите на потрошувачите
Потрошувачите се обесправени. Во Македонија се конзумираат мнозинство неквалитетни производи и се користат мнозинство неквалитетни услуги. Постојано не сме задоволни, а нема кај да се пожалиме. Нема двонасочна комуникација. А од друга страна адвертајзингот е сведен на билборди и спотови (исто како и кај партиите).
Замислете, од три телекомуникациски оператори (кои би требало да се лидери во комуникациите во општеството) само еден делумно интензивно ги користи социјалните мрежи за да се доближи до потрошувачите и да дознае кои се нивните потреби. И тоа оној со најмалку корисници. Останатите, мнозинството, комуницираат еднонасочно. Кога последен пат Вашиот телеком провајдер или вашиот кабловски ТВ провајдер ве прашал кои се вашите потреби?
Кога последен пат вашата банка ве искомуницирала на интернет? Сте ја сретнале ли вашата банка на Facebook, LinkedIn или на Twitter?
А какви само можности имаме. Интернет. Ефтино, неограничено, идеално за дискусија и многунасочна комуникација. И пак, и на интернет, само банери кои водат до безлични веб страни, во кои нема простор за дискусија.
Труење во бизнис секторот. Ни испорачуваат пораки за нашите желби, наместо за нашите потреби. Се втурија од производство на домати од по 1/2 кг. полни со вода, а појма немаат дека ние сакаме мали и вкусни.
Тоа е труење. Труење со неинформираност кое резултира со отруени и незадоволни потрошувачи.

Тоа е мојата позиција во оваа теза. Нашето општество е отруено од еднонасочна комуникација. Никој не не прашува, никој не ни дава простор за дискусија. Ние си го најдовме своето место на интернет, но надвор од нашиот компјутер владее лагата, на сметка на измамените граѓани, гласачи и потрошувачи.
Но, сигурен сум дека има вистина и од другата страна. Сигурно постојат позитивни искуства кои ќе ме побијат во некои делови. Бујрум. Има ли спротивни аргументи?