Archive for the ‘Општество’ Category

Етикетирани овци полесно се водат

April 12th, 2009

Ме инспирираше Рециклирачот со неговиот последен пост (тука) во кој пишува за соросоидните и букефалистички етикети кои се лепат на сите нас…
Тој што ќе си ја задржи етикетата станува дел од стадото и е подложен на масовна контрола, управување и насочување кон потребите на пастирот, шефот, шефот во сенка, ВД-то…

Етикетираните овци полесно се водат… не дозволувајте да ве налепат, зошто ќе бидете само една точка од големата игра каде чекорите се одредуваат со џоистик.

Samsung го претставил тоа сликовито:

Tags:
Posted in Општество | Comments (2)

Предизборни чирови

April 6th, 2009

Македонија вчера доби нов претседател и нови (некаде стари) градоначалници на општини. Но, во хаосот пред изборите, по превезот на демократијата, Македонија ги извади на виделина своите неизлечиви чирови.

Првиот чир почна да боли во Струга. Мотивирани од партиските интереси, средношколците не издржаа и стигнаа до етнички смени. Ситуацијата стигна и до масовни тепачки со повредени, а во меѓувреме се видовме и напад врз јавна дебата… резултатот е етничка тензија и поделени ученици… поделеност која е далеку од концептот на мултиетничност со кој ја промовираме Македонија.

Вториот чир се вика немање познавања за дебата. Ни се случи дуел меѓу Хорхе и Фрле на кој она што најмногу запамтивме е дека едниот бил “табула раса”, а другиот “буреконосач”. Кандидатите за претседател (едниот лош дебатер, другиот искусен дебатер) стигнаа и до момент на промашување на темата која модераторите им ја задаваа. Ги прашуваа за лето, овие одговараа за зима.
Конкретно: На прашањето “Има ли Македонија можност да го искористи меѓународното право во одбарана на името?”, кандидатите, како недоветни одговорија:
Хорхе: “Меркел не поддржува, а Фрчкоски напиша лош Устав и водеше полиција која тепаше народ.”
Фрле: “Иванов беше против Рамковниот, а неговото единствено политичко искуство е во социјализмот.”
Сериозно ја промашиле темата.

Третиот чир не изгоре на Плоштад. Тепаа студенти и други, а полицијата се успа да одговори… или пак некој и кажа да се успие. Третиот чир метастазираше и ни ги донесе четвртиот и петтиот.

Четвртиот чир е олицетворен во таканаречениот студентски лидер. Неговата реакција на тепањето студенти е следна: “Ние не се чувствуваме повикани да го осудиме или да го браниме тој настан. Група на граѓани меѓу кои можеби и имало студенти, имаат право да протестираат. Замислете кога едни би протестирале зошто Месечината кружи околу Земјата, а други зошто САД се поголеми од Македонија.“

Петтиот е медиумскиот чир, кој најмногу болеше после тепањето на Плоштад. Латас не издржа и се закануваше со пукање носеви и тепање по кафани.

И, што е резултатот?

Можеби добивме претседател и градоначалници, но ја изгубивме демократијата. Ја изгубивме мултиетничноста (првиот чир), ја изгубивме смислата за дебата (вториот чир), ја изгубивме слободата на протест (третиот чир), ја изгубивме студентската револуција (четвртиот чир), ја изгубивме слободата на медиумите (петтиот чир).

Болат чировите, ама најмногу боли што ја губиме ЕУ.

Tags:
Posted in Општество | Comments (0)

Струга лишена од слободата на говор

February 19th, 2009

Денес во Струга група агресори не дозволија слободна граѓанска мисла. Иницијаторите на Граѓанското движење за Европска Македонија беа физички нападнати и спречени да ја спроведат трибината со граѓаните.

Деталите за овој линч на демократијата ги имате на Развигор и на блогот на Жарко Трајаноски.

Tags:
Posted in Општество | Comments (5)

Сегрегација

February 10th, 2009

И повторно владее страв од етнички конфликт… Малку ни се економската криза, грчкиот бојкот, опасноста од изолација, престојните избори, не-интеграцијата во ЕУ и срамната опозиција, па сега уште засилена етничка омраза ни фали…

Струга, најмирниот град дури и во време на конфликтот, денес се соочува со сегрегација на младите на етничка основа… и тоа по малку чудна сегрегација… По дефиниција, сегрегацијата значи фактичко или правно ограничување на малцинската и помалку моќната група, од страна на мнозинската. Во Струга е обратното… Токму мнозинската група сака да се сегрегира… Родителите и професорите по секоја цена сакаа да ги поделат децата во етнички згради. Успеаа во тоа, но не успеаа да ги намалат етничките тензии. Одлучија да отидат чекор понатаму и да ги поделат дури и во етнички смени…

И во време кога на мојот ТВ брмчат бели бумбари за оваа иницијатива (бумбари кои се јавуваат и рецитираат подготвени напишани текстови), јас се потсетувам на тренинзите за јавни дебати за истите тие средношколци од Струга… Верувале или не, 150 деца од истото училиште, Македонци, Албанци и Турци, по цели викенди учеа јавно да дебатираат и во ни еден момент етничката тензија не ја изнесоа како проблем … Поголем проблем им беше тоа што кејот и плажата им се загадени или тоа што немаат затворен базен… И се договорија и презедоа иницијативи, локални младински. Не им требаше посебен одбор за да им го реши проблемот.
И без било кој да им наметне заклучија дека нивните локални проблеми се поважни од тоа што тие не се од иста етничка заеница.

И на сето ова, како шлаг доаѓа изјавата на Министерот за образование:

Во моментов е најважно да се заштити безбедноста на учениците и тие да не се вовлечат во црните политички сценарија на возрасните. Потсетува дека претходната година, а и пред тоа, по барање на училишните одбори, Министерството за образование се погрижи за обезбедување редари - дадена е согласност за осуммина, а позитивно им било одговорено и на обраќањата за поставување видеонадзор во училишната зграда.

Од сите можни решенија, од сите можни акции за соживот, заеднички активности и вмрежувања, се донесе одлука за раздвоени згради, па видео надзор и горили од обезбедување, за раздвоени смени…
Дали ваквата одлука значи сегрегација?

И тука не завршува приказната. Денес се удри темел на уште едно училиште за сегрегација. Училиште кое ќе им овозможи средно образование на Ромите од Шуто Оризари. Но, повторно, се гради надвор од концептот за соживот. Наместо интеграција на Ромите, мешање со понтегрираните и услови за еднаков пристап кон благодетите на оваа држава, им се нуди зграда во која повторно ќе бидат сегрегирани… само што овој пат сегрегирани ќе седат на нови столчиња, сегрегирано ќе користат нови компјутери, сегрегирано ќе учат за виртуелниот меѓуетнички соживот.

Tags:
Posted in Општество | Comments (17)