Ќе го употребам овој пост за да посакам нови случувања кои ќе го унапредуваат македонското општество во 2011.
За да се заштитам од “пази што посакуваш, може да ти се оствари” и да забележам што сум препознал како вредно во 2010 година, креирав листа од 8 настани кои ме импресионираа со пораката која ја испраќаат. Листата е индивидуална и можеби субјективна, а заедничко за случувањата е што промовираат иновативност во унапредувањето на демократијата, културата, креативноста и бизнисот во Македонија.
Настаните се хронолошки подредени.
Посакувам повеќе во 2011.
01. ТАВ го презеде управувањето на македонските аеродроми
01-ви март 2010
Еден од светските лидери во аеродромски инвестиции, TAV Airports Holding го презеде управувањето со аеродромите “Александар Велики” во Скопје и “Свети Апостол Павле” во Охрид.
ТАВ најави целосна модернизација на аеродромите и изградба на карго аеродром во Штип, преку инвестиција од 200 милиони евра.
Го очекуваме крајот на 2011 за барем малку да се израдуваме.

02. Чекори за живот – марш за заштита на животните
20-ти јуни 2010
Порака до градските и законодавните власти дека редно време е бездомните животни во Македонија да се третираат како живи суштества со целосно право на живот и среќа и дека секое одземање на нивниот живот, малтретирање и изживување треба да биде санкционирано!

03. Dance Dayze Festival
14-ти јули 2010
Предизвикувачки музички електронски фестивал, посветен на германското минимал техно. Фестивалот од Изгрев пријатно изненади во организациска смисла и во музичкиот избор (Extrawelt, Guy Gerber, Dominique Eulberg, Timo Mass…).
Присутните го паметат и го очекуваат новото издание во 2011.

04. Тука сме, многу сме, не прифаќаме не!
23-ти август 2010
Блиц парада на младинскиот глас со која 100-тина средношколци протестираа против сите оние кои на нивните барања одговараат со “не знам, не може, не сакам”.
Иницијативата продолжи и овој месец, кога 250 средношколци ја запрашаа државата како ќе изгледа Македонија доколку половина од младите се иселат?

05. Слободен индекс – акција за првиот академски час
15-ти септември 2010
Уште една организација (Слободен индекс) се спротистави на противуставното наплаќање членарина за жалниот Сојуз на студенти (ака Студентски парламент).
Преку прецизно изведена акција, за време на говорот на претседателот Иванов на првиот академски час, група студенти успеа да предизвика дел од факултетите да ја укинат задолжителната членарина.

06. TEDx
30-ти октомври 2010
TEDx го предизвика вниманието на македонската интелектуеална и интернет сцена преку организација на серија локални настани кои се во духот на “идеи вредни за споделување”, а се однесуваат на инспиративни говори во областа на технологијата, забавата и дизајнот.

07. АРГУМЕНТ – организирано изразување
14-ти декември 2010
Целовечерен дебатен настан посветен на промоција на аргументацијата и културата на дијалог, како неопходни услови за продуктивна дискусија.
Настанот е специфичен по тоа што дебатери-професионалци, јавни личности, членови и поддржувачи на власта и опозицијата, за прв пат дебатираа за образованието во Македонија и за проектот Скопје 2014, во независен простор, надвор од Собранието и надвор од т.н. дебати во медиумите.
Филип Стојановски имаше одличен пост за настанот.

08. Македонија: Звуци и простори
Охрабрувачки проект за македонската видео-музичка продукција. Проектот е на Алфа ТВ, а резултираше со продукција и видео документирање на неколку концерти, реализирани во специфични простори. Особено фасцинираше концертот на Тони Китаноски и Черкези Оркестра, реализиран во Кристалната пештера кај Дебар.
![]()
Бидете слободни да ја дополните оваа листа или да креирате сопствена, базирана на вашите сеќавања и импресии.
