“Големата слика” од денес ќе биде побогат за уште еден автор. Бојан Маричиќ одлучи да ја преточи својата мотивираност за социјална интеграција во пишани мислења и анализи на овој блог. Бојан е мој долгогодишен соработник и другар. Бојан е искусен граѓански активист, тренер по дебатни техники и магистер по меѓународно и европско право.
Еве го неговиот прв пост:
Сегрегацијата ја научивме, до каде е интеграцијата?
Некои велат дека најсилните пориви за јавно изразување луѓето ги имаат токму кога слободата на изразување им била најзагрозена. Не знам дали е тоа вистина но јас мислам дека луѓето кои размислуваат во нашето општество и притоа не се партиски индоктринирани треба да ги наметнуваат прашањата како: Кои се нашите вистински секојдневни проблеми кои ни го прават општеството какво што е и го одредуваат какво ќе биде? Како да ги формулираме? Како да ги наметнеме?
Овој текст (и наредните што следуваат) има амбиција да ја отвори темата на отворената етничка сегрегација, помеѓу Македонците и Албанците како најбројни народи во Република Македонија, која доминира и зазема се поширок простор во нашето општество и „инфицира“ секој час се’ повеќе луѓе по различни основи. Она што мене ме поттикна на размислување на оваа КЛУЧНА тема во нашето општество беше изливот на омраза од сите страни разгорен од сега веќе повлечената и озлогласена Македонска Енциклопедија, врвен masterpiece на МАНУ. Што може и треба да направат граѓаните на оваа држава кои се релативно млади (помеѓу 20-40 години) и кои разбираат дека игноририајќи го фактот дека живееме во држава која егзистираат повеќе етникуми со свои карактеристики, одлики, желби и интереси, практично се придонесува кон предексплозивната атмосфера особено меѓу помладите. Ако ја илустрираме ситуацијата на неколку полиња од нашето општество ќе сфатиме дека општеството има јасни знаци на поделеност и опасни нејзини манифестации и уште повеќе ќе сфатиме дека итно треба нешто да преземеме како општество и како луѓе.
Анализата на темата ќе се одвива во неколку текстови и ќе ги дискутира темите Образование, политика, култура, граѓански сектор, медиуми и лични односи, а фокусот ќе се насочи кон формите во кои се манифестираат прашањата на етничка сегрегација и нивната содржина во рамките на овие теми, притоа со јасно нагласување: Што не чини? Што е добро? Што може да се направи за интеграција?.
I дел
(Што не чини? Што е добро? Што може да се направи за интеграција?)
ОБРАЗОВАНИЕ
Што не чини?
- Постојат многу малку институционални допирни точки помеѓу учениците Македонци и Албанци. Покрај „генијалните“ решенија за етнички поделени смени во повеќе градови, за ова сведочи фактот дека младите не работат на никакви заеднички проекти кои ќе ги избришат или намалат меѓусебните разлики и предрасуди.
- Јазичните бариери помеѓу младите Македонци и Албанци се продлабочуваат наместо да се намалуваат. Го чекавме Кнут Волебек (Високиот комесар за малцински рава на ОБСЕ) да ни каже дека во нашите училишта на кои се надеваме да ги „оправат“ нашите идни генерации нема никаков план за интеграција на младите во јазична смисла. Всушност тој само гласно кажа нешто што секој свесен човек во оваа држава одамна го знае: јазичната сегрегација е драматична и дека генерациите кои доаѓаат покрај суштински постои опасност и технички да не се разбираат.
- Универзитетите во Македонија не работат на реално приближување на студентите Македонци и Албанци и нивно заедничко живеење во академска смисла. Колку често сте чуле дека се работи на заеднички програми, семинари, размени или дискусии организирани од страна на Универзитетите за спојување, комуникација и развивање помеѓу студентите. Единствена срамежлива иницијатива беше онаа на група студенти кои бараа укинување на партиципацијата на студентите при што беа поддржани од еден дел од студентите на Државниот Универзитет во Тетово. Но, и тоа не е ништо иницирано од институциите на системот.
- Не постојат програми за системско изучување на културните, националните, историските и традиционалните карактеристики на етничките заедници помеѓу себе. Не постои пат кој води реку образовниот систем кој овозможува на еден просечен ученик Македонец да научи на пример: кои се клучните личности во албанската историја, кои се најдобрите писатели на албански јазик и како можат да дојдат до нивните дела, кои се и какво значење имаат празниците кои ги слават Албанците, кои се песните кои се карактеристични или омилени за Албанците или сево ова за Ромите, Турците, Србите, Бошњаците, Власите и др.
Што е добро?
- Универзитетот на Југоисточна Европа (т.н. Штулов Универзитет) е пример според кој може во пракса многу добро да функционираат студентите Македонци и Албанци учејќи заедно и секојдневно градејќи интегриран систем во кој секој е добредојден без разлика на етничката припадност и во кој образовниот процес кој ги вклучува сите е во фокусот.
- Приватните средни училишта и универзитети прилагодени на пазарот го кршат мразот на сегрегацијата и ги прилагодуваат своите програми за повеќе јазици а нивните средини се потполно инклузивни за младите од сите етнички групи. За да не навлегуваме во реклама на овие Универзитети само вреди да се каже дека се пример кој треба да се следи.
Што може да се направи?
- Силен ангажман на сите образовни институции за ставање акцент на овој аспект од нашиот образовен систем. Ова подразбира силно залагање на сите структури од министер до воспитувач во градинка или професор во училиште. Образовните институции мораат да усвојат нова филозофија во која учениците ги подготвуваат за реален и цивилизиран живот ослободен од страв од своите соседи, омраза кон различните или мрзеливост за учење на нови култури и запознавање на нови луѓе.
- Учење на јазици на етничките заедници како задолжителен предмет. Ако во ЕУ знаењето на секој нов јазик се смета за непроценливо богатство и на големо се стимулира во сите образовни сфери, тогаш зошто кај нас да се плашиме или да одбиваме да им укажеме на родителите, учениците и сите дека изучувањето на јазиците на етничките заедници во Македонија (особено албанскиот) е влог во иднината и во поцивилизирана, поинтегрирана, поубава и попријатна за живеење Македонија.
- Учење за повеќе елементи на идентитетот на различните етнички заедници (особено Македонците и Албанците) и заедничка прослава на заеднички личности и денови.
- Отворен дијалог за сите теми и градење на институтционални канали во рамките на образовните институции за отварање и решавање на меѓуетничките проблеми, предрасуди и недоразбирања. Зарем има друг здрав и сериозен начин за решавање на проблемите кои се јавуваат меѓу младите? За мене беше тажна сликата во која половина владин состав оди да ги смирува врсниците од Струга и да им понуди „генијално“ решение на нивна физичка поделба во две згради и така ја затвори најважната порта за непречен секојдневен премин и меѓусебна комуникација. Да работиме сите тоа да не се повтори.

